Томина недела

Го чувме евангелието за денешниот настан, кога низ затворени врати Воскреснатиот Христос влегол кај учениците и им кажал, „мир вам“. По Божја промисла таму не бил апостолот Тома, кој подоцна, кога другите апостоли го уверувале дека Господ воскреснал, не можел да поверува. Дури откако Господ дошол лично пред него и му ги покажал раните од копјето и клинците, Тома поверувал. Ова блажено сомневање или неверие било спасително за него, но и за сите нас, слични на него. Тома секојдневно бил со Господ, верувал дека Он е Синот Божји, но тешко му било да поверува во воскресението. Сакал самиот тој да го доживее тоа, средбата со Воскреснатиот Господ и откако ќе стекне лично искуство, да поверува. Апостолот Тома го раширил Евангелието за Воскреснатиот Христос до Персија и до Индија, и денес Црквата го слави како свет апостол.

Зошто неделата после Воскресението му е посветена токму на овој настан?

Затоа што речиси сите имаат некаква вера во Бог, или во некакво божество, Виша сила, Небесен полицаец или во нешто слично, но да се верува во Воскресението Христово е многу тешко. Штом на апостолот, кој секојдневно го гледал Господ, му било тешко да поверува, тогаш колку потешко ни е нам? Луѓето кои доаѓаат во Црква најчесто имаат вера во Бог, но сѐ ќе направат само за да имаат спокоен и удобен живот овде на земјата, долг живот, без болести, без страдања – показател дека не веруваат во воскресение и вечен живот.

Воскресението Христово е основа на Православната вера и без воскресението ништо во овој свет, во овој живот нема смисла. Секој во себе чувствува потреба од вечност, бесмртност, ако нашиот живот завршува во гробот – тогаш зошто да живееме, зошто да се трудиме, зошто да бидеме воопшто луѓе? Сѐ додека постои страв од смрт, болести, страдања – човекот не може да биде ни радосен, ни среќен. Господ воскресна, ги скрши вратите на пеколот кои однатре биле затворени, и ги извлече затворените во пеколот, и им даде вечен живот, и на сите подоцнежни генерации им даде надеж и можност за вечен живот, кој започнува уште овде, во Црквата, на Божествената Литургија. Затоа овој празник над празниците го нарекуваме Светол празник, празник на надежта, празник на радоста итн.

Вечноста не се постигнува со менување на органи, со менување на крв, за да се одржиме што е можно повеќе во овој живот, туку со градење на заедница со Бога, преку Телото и Крвта Христови, причестувајќи се со нив на Божествената Литургија. Во Христос има спасение, има надеж, има радост, има љубов, а надвор од Него, само бесмислено себеизмачување.

Ако сме со Христос, тогаш и болестите и страдањата добиваат смисла, а ако сме без Него, тогаш и најголемата радост завршува со тага и бесмисленост.

Лажниот Христос, лажното Христијанство е без Крст, без страдање. Бројот 666 на грчки се пишува ΧΞΣ (Χριστος ξενος σταβρου), а некои отци на Црквата ова го толкуваат како Христос туѓ на страдањето, односно, антихрист е всушност Христос без Крст, без страдање, комформистичкото христијанство.

Просветени од благодатта на Светиот Дух, да го отфрлиме удобното и лажно христијанство, а да го прегрнеме распнатиот и воскреснат Господ. Прифаќајќи го Неговиот Крст, односно секојдневните распнувања, страдања и себепожртвуваност, со Него и да воскреснеме и да влеземе во вечната радост, заедно со ангелите, со сите светители и сите кои на Бога Му угодиле. Амин.

23.04.2017 год.

Свештеник Јани Мулев