Полагање на Појасот на Пресвета Богородица

На 31 август/13 септември секоја година се празнува споменот на Појасот на Пресвета Богородица. Тоа е еден уникатен свештен предмет кој се поврзува со земниот живот на Богородица и до денес се чува во светогорскиот манастир Ватопед, во Градината на Пресвета Богородица. Самата Богородица го исплела појасот од камилски влакна.

Информациите за земниот живот на Пресвета Богородица се оскудни и доаѓаат од Новиот Завет и од преданието кое се сочувало уште од апостолските времиња.

Богородица до нејзиното успение останала во Ерусалим и била член на првата Црква. Грижата за неа ја имаше преземено возљубениот ученик на Господ, евангелистот Јован.

Последните мигови од нејзиниот земски живот се чудесни и потресни. Кај неа се најдоа апостолите кои стигнаа од краиштата на вселената во Ерусалим на чудесен начин, „на облаци“.

И тогаш, Самиот Господ триумфално се појави „на облаци“, во придружба на мноштво ангели. Богородица се помоли на Нејзиниот Син, ги утеши апостолите и им вети дека секогаш ќе биде блиску до Црквата за да посредува пред Нејзиниот Син и да ја предаде својата пречиста душа на Господ.

Апостолите го положија светото тело на Богородица во „нов гроб“ во Гетсиманија. Таму света Елена подоцна ќе изгради храм во чест на Успението на Пресвета Богородица. Три дена по успението слезе Господ во придружба на архангелите Михаил и Гаврил и мноштво ангели.

Архангелот Михаил по заповед Господова го зеде телото на Богородица и сите заедно се вознесоа кон небесата. Се изврши чудесното преселување на Богомајката. Нејзиното свето тело пак се соедини со нејзината девствена душа.

Апостолот Тома беше единствен од апостолите кој го виде чудесното преселување на Богомајката. Не можеше да дојде на погребението бидејќи се наоѓаше во Индија. Таму, по три дена, и додека служеше Божествена Литургија, се најде во Гетсиманија на чудесен начин и виде сѐ што се беше случило.

Тогаш ја замоли Богородица да му го даде за благослов нејзиниот појас. А таа, како што се искачуваше кон небесата, му го фрли овој свет предмет „во слава пресвета Дево која се вознесуваш, твојата рака му го подари на апостолот Тома твојот сечесен појас“, пееме во тропарот на празникот.

Апостолот Тома потоа ги извести останатите апостоли за овие чудесни настани и им го покажа Светиот Појас на Пресвета Богородица.

А тие Го прославија Бога и побараа да ги благослови, бидејќи беше единствениот кој се удостои да го види славното преселување на Богородица.

Чувањето на светиот Појас го презедоа две сиромашни и побожни жени во Ерусалим, кои се грижеле за Богородица. Со побожност го примија овој свештен дар и оттогаш грижата за појасот ја преземаше некоја девојка која потекнуваше од ова семејство.

Пренесувањето на Чесниот Појас во Цариград се случи за време владеењето на Аркадиј (395-408). Пристигнувањето на Појасот во царскиот град било празнично. Царот го положил Чесниот Појас на Богородица во реликвијар кој го нарекол „свето тело“. Тоа се случи на 31 август, последниот ден од црковната година. Во градот на свети Константин (Константинопол), во кој Војвотка и Закрилничка беше Богородица, ќе остане Чесниот Појас на Богомајката.

Ќерката на Аркадиј, Пулхерија, изгради прекрасен храм во чест на Богородица, прочуениот храм на Богородица Халкопратион (Бронзен, бидејќи така се викало местото, каде што порано се продавале бронзени предмети).

Во овој храм царицата го положила Светиот Појас на Богородица. Самата царица со златен конец го украсила овој појас, како што може и денес да се види.

Царот Јустин II (565-578) и неговата сопруга Софија го обновија овој храм и подигнаа храм на Светото Тело. Таму, во моштохранилница, врз светиот престол се чувал Чесниот Појас на Пресвета Богородица.

Мноштво верници доаѓале да се поклонат со побожност барајќи од Богородица да посредува со нејзините молитви пред Господ. Мноштво чуда се извршиле од светиот појас. Луѓе несреќни и болни најдоа избавување со чудотворната сила на Појасот.

Поради оваа причина од познати луѓе од тоа време беше воспеан. Со благодатта на Пресветата ги осветува оние кои доаѓаат побожно да се поклонат, ги издигнува од распадливоста, ги ослободува од болестите и тагите.

Понатаму Светиот Појас беше поделен на повеќе парчиња кои беа однесени во разни храмови низ Цариград. По освојувањето на градот од Крстоносците во 1204 година, некои парчиња беа грабнати и однесени на Запад.

Но еден дел беше сочуван и остана во Цариград и по ослободувањето на градот за време на Михаил Палеолог. Се чуваше во храмот на Пресвета Богородица – Влахерна. Последното спомнување на појасот е од еден анонимен руски поклоник во Цариград помеѓу 1424 и 1453 година.

По освојувањето на Цариград од страна на Турците во 1453, непознато е што се случило со останатиот дел од Појасот. Па така единствениот сочуван дел е оној кој се чува во светиот манастир Ватопед, каде што со многу перипетии конечно пристигна.

Светиот Константин имаше направено еден златен крст за да го чува во борбите. Во средината на крстот имаше ставено парче од Чесниот Крст. Крстот имаше и парчиња од мошти од свети маченици, и едно парче од Чесниот Појас. Сите византиски цареви го носеле овој крст во борбите. Истото го направил и Исаак II Ангел (1185-1195) во една борба против владетелот на Бугарите Асан. Но беше победен и во паника еден свештеник го фрлил во реката за да не го грабнат непријателите. Но по неколку денови Бугарите го нашле и така преминал во рацете на Асан.

Бугарските владетели, следејќи го примерот на византиските цареви го носеле крстот во борбите. Но во една битка против Србите, бугарската војска била победена од српскиот владетел Лазар (1371-1389). Подоцна Лазар го подари крстот на свети Константин на светиот манастир Ватопед заедно со парчето од Светиот Појас.

Светите отци од манастирот чуваат едно предание според кое, Чесниот Појас на Пресвета Богородица бил подарен во манастирот Ватопед од  страна на царот Јован VI Кантакузин (1341-1354), којшто подоцна се откажа од престолот и стана монах во Ватопед, со името Јоасаф.

Многу чуда се извршувале и се извршуваат од Чесниот Појас. Многу им помага на неплодните жени да забременат и да родат деца. Ако со побожност ја побараат помошта од Пресвета Богородица, им се дава еден појас (копија), кој се изработува во манастирот и кој се осветува врз вистинскиот појас на Пресвета Богородица. Со ваквите појаси, оние бездетни парови, кои го промениле својот живот на подобро, се обратиле кон Христа со покајание, исповед кај духовник, молитви, пост и причест, Богородица им подарила рожби.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев