Света Маркела Хиоска

Среде многубројните светители кои го красат локалниот светителски диптих и долгогодишната црковна историја на благоуханиот Хиос е светата девственомаченичка Маркела, која е побожна пофалба од сите краишта на земјата Хиоска и скапоцено духовно богатство за илјадници поклоници кои доаѓаат на местото од нејзиното мачеништво, за да оддадат почит кон величието и нејзиното херојство, но и да ја побараат нејзината чудотворна благодат за разрешување на нивните телесни и душевни болести.

Света Маркела се роди и порасна во местото Волисос, во тоа историско главно село во северозападен Хиос. За годината на нејзиното раѓање и мачеништвото на светителката постои разногласие кај биографите. Според нејзиниот животописец, преподобен Никифор Хиоски, света Маркела живееше и беше убиена околу 1500 година. Според други историчари нејзиното мачеништво било во текот на гонењата од 3-4 век. Нејзиниот татко бил идолопоклоник а нејзината мајка христијанка се упокоила во млада возраст. Маркела се одликуваше уште рано со длабока вера и љубов кон Христа, добрина и чистота, непорочност и благородство на нејзината душа. Надарена со божествена мудрост и небројни душевни дарови непрестајно општеше во Бога. На овој „земен ангел“ му позавиде сатаната и посака да ја убие по секоја цена.

Така, суровиот татко идолопоклоник почна телесно да ја посакува сопствената ќерка и да чувствува кон неа ненаситна телесна похот. Кога Маркела се увери во бесрамниот карактер на нејзиниот телољубив татко, го напушти татковиот дом и побара прибежиште во околните планини. Тогаш татко ѝ поттикнат од ѕверските апетити и со неопислива манија почна да ја бара младата и убава Маркела. Тогаш несреќната и преплашена ќерка се обиде да се одбрани и да ја сочува нејзината чест. Една голема капина стана сигурно прибежиште на светителката. Но еден овчар ја забележа Маркела и му ја покажа капината на нејзиниот татко – манијак. Тогаш таткото ја запали капината, за да ја принуди да излезе од таму.

Маркела успеа да најде излез и така се избави од рацете на телољубивиот татко. Потоа почна да трча по карпите и камењата, но татко ѝ гледајќи дека е тешко да ја стигне, одлучи да ја погоди со стрела и така ја застрела. Светителката беше повредена и нејзината невина крв ги натопи карпите.

Покрај сето ова не ја изгуби душевната сила и продолжи да трча. Но нејзините телесни сили почнаа да ја напуштаат и во еден момент падна на земја измачена и повредена. Нејзината длабока и непоколеблива вера ѝ помогна да најде спасително решение. Со очите насочени кон Небесниот Младоженец се помоли и побара од Него да ја расцепи карпата за таа да се скрие таму.

Молитвата на светителката навистина се оствари и така карпата се расцепи и го прими телото на добродетелната Маркела сѐ до градите. Плотољубивиот татко стигнувајќи до тоа место и гледајќи го тоа преславно чудо, уште повеќе се разгневи и со еден нож ѝ ги отсече градите и ги фрли. Потоа ѝ ја отсече главата на неговата ќерка и ја фрли во морето. Според преданието едно сетилна светлина почна да излегува од главата на светителката, која се овенча со нетлен венец на нејзината подвижничка и божествена слава.

Расцепената карпа, која го прими маченичкото тело на светителката, до ден денес претставува за поклониците  место за побожност и извор на чудеса, откако оние кои со вера се помолиле, забележале црвена боја на карпите и како водата се крева. Безбројни се чудесата кои со благодатта Божја ги извршила светата Маркела од времето на нејзиното мачеништво па сѐ до денес, додека сведоци на нејзините чуда станаа велики личности од нашата Црква, како што се светиот Макариј Нотарас еп. Коринтски, светиот Нектариј Егински и нејзиниот житиеписец и химнограф на светителката, преподобниот Никифор Хиоски, кои често доаѓале на местото на мачеништво на светителката, за да се помолат.

Споменот на светата девственомаченичка Маркела се слави секоја година на 22 јули/4 август.

Многубројни се нејзините чудеса, а овде ќе наведеме неколку од нив:

  1. Во 1782 година еден свештеник од Волисос имал болно дете, кое сакал да го попрска со света вода во храмот на Света Маркела, но не верувал дека детето може да се излечи, бидејќи болеста била тешка. Бил во очајание и неодлучност, се откажал од помислата дека светителката може да му помогне. Но, вечерта кога задремал ја сонувал светителката, која му кажала да не се сомнева во нејзината милост да прави чуда, и дека неговото дете ќе оздрави. По ова детето навистина се исцелило од болеста а тие ја прославиле светителката во нејзиниот храм.
  2. Во истата година друг свештеник, отец Михаил од истото село, имал дете по име Никола, кое долго време било болно и никако не можело да оздрави. Свештеникот побарал помош од светителката, и таа му се јавила во сон онака како што ја сликаат на иконите. Утрото детето оздравело, а свештеникот го прославил Бога, Кој е чудесен во своите светители, и неговата маченичка Маркела.
  3. Во 1785 група луѓе биле зафатени од страшно зимско невреме и една жена истоштена се онесвестила. Луѓето ја оставиле во црквата на „Свети Ѓорѓи“, а тие го продолжиле патот. На нејзиниот сопруг му кажале за настанот, а тој се помолил на света Маркела да направи чудо. И по девет денови кога отишле назад до црквата, очекувајќи да ја најдат мртва жената, се изненадиле кога ја виделе жива. Им кажала дека света Маркела ѝ дала еден леген вода, и таа пиејќи само вода, преживеала во тие девет денови.

Запишани се и други чудеса, по молитвите на света Маркела, како слепото дете кое било попрскано со света вода од местото на мачеништвото на света Маркела, и тоа прогледало. Еден човек парализиран, отишол во нејзината црква и побарал да го спомнуваат на проскомидија, и следниот ден оздравел. Една жена со рана во устата не можела ни да јаде, ни да пие, ни да зборува, па била излечена со света вода, по нејзините молитви.

По нејзините свети молитви Господ да нѐ помилува и спаси. Амин!

Тропар на света Маркела, глас 1.

Цветот на чистотата и хиоската рожба, света Маркела во песни да величаме, убиена од раката татковска, како чуварка на заповедите Христови, крепост дај им и избавување од опасностите на оние кои ти повикуваат: Слава на Оној Кој те укрепи, слава на Оној Кој чудотворка те направи, слава на Оној Кој преку тебе, твори исцеленија.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев