Невротичен стремеж кон власт

(Поглавје, кое не влегло во основниот текст на книгата

„Пастирска помош на душевно болните“)

Игумен Евмениј (Перистиј)

Невротичниот стремеж кон власт има скриен и нескриен карактер. Таквиот стремеж носи во себе деструктивни тенденции, што јасно се пројавува на внатрешната црковна организација. Хиерархиската поставеност на црковната организација и нејзините установи може да се покаже како погодна средина за лично себепотврдување кај определен тип на луѓе. Таквите луѓе во манастирска или парохиска средина не сакаат исполнување на нивното послушание, туку ја уништуваат братската или парохиска атмосфера, внесувајќи раздори, кавги и непријателство.

Затоа пастирите, од кои зависи внатрешната црковна организираност, треба внимателно да проникнуваат во причините, кои го поттикнуваат човекот на различни хиерархиски должности.

„За нас е многу важно, – пишува Григориј Богослов, – ако добро управуваат и раководат тие, на кои им е доверено да ги поправаат тие дела и да располагаат со нив“.

Светителот Јован Златоуст предупредува за опасноста од службата, поврзана со власт, и за тоа, дека не секој може да ја прими: „Силата и власта нè тераат да правиме многу дела неугодни на Бога, и потребна е многу храбра душа, за правилно да ја користиме дадената чест, слава и власт“.

Надворешниот впечаток за човекот, кој алчно се стреми кон власт, е неговата џиновска сила, при достигнувањето на назначените цели. Но, „на психолошки план, алчноста за власт се темели не во силата, туку во слабоста“.

Основната причина за невротичниот стремеж кон власт, смета психологот и философ Ерих Фром, е неспособноста да се поднесе изолацијата и слабоста на сопствената личност. Германскиот психоаналитичар Карен Хорни смета дека, тоа е поради чувството на беспомошност и личното чувство на ништожност.

За христијанската свест ни изолацијата, ни осознавањето на слабоста, ни беспомошноста или чувството на ништожност, не се нешта, кои би требало да се избегнуваат. Тоа е една од страните на човекот во неговиот однос кон светот, кон силите, на кои тој е неспособен да им се спротивстави. Но верата во Бога, силната надеж на Него, на таквиот човек му придаваат неодолива сила и чувство на егзистенционална исполнетост на битието, кои се реализираат не однадвор, туку во внатрешното формирање на личноста. За човекот, кој е лишен од верата во Бога, или, пак, страда од маловерие, центарот на формирање се пренесува од божествениот во земниот свет. И тогаш се појавува неодолив стремеж за исполнување на егзистенционалната празнотија со сè што би можело да ја исполни. Ништо земно не е способно да го насити тој ненаситен стремеж, тој слепо бара привидна исполнетост во царската власт, богатство и почести.

Невротикот се крие од својата беспомошност, тој не може да поднесе дури ни нешто слично на неа. Тој на секој начин ги избегнува ситуациите, со кои раководи некој друг. Не сака да прима ни совети, ни помош од страна на другите луѓе. Се тера себеси да поверува во тоа дека е способен да се справи со било која ситуација самиот, без помош од страна. Секогаш стремејќи се да стои на своето, тој секоја отстапка од своја страна, дури и најмалата, ја сфаќа како неуспех.

Беспомошноста на таквиот човек, поврзана со недостатокот од вера, бара не отворено служење на Бога, туку места, каде тој би можел да почувствува спокој. За него идеално место е тоа, каде тој би бил во врвот на власта и би имал строга контрола над сите. Таквиот човек не секогаш ги препознава движечките сили на неговиот стремеж – „тој би можел да е целосно обземен со стремежот за власт, но притоа да биде уверен дека е мотивиран само од чувството на должност“. Ваквиот стремеж го засилува и амбициозноста, задолжително поврзана со материјалната положба, која на невротикот му служи за смирување на стравот од осиромашување и зависност од други. А својата амбициозност, пак, попусто се обидува да ја скрие и да се увери себеси во нејзиното отсуство.

Стремејќи се кон власт, невротикот ги покажува следниве карактеристики:

Како прво, тој секогаш се споредува себеси со другите, дури и тогаш, кога тие не се негови конкуренти или соперници. Поради тоа што во православната средина ова не се охрабрува, затоа тој внимателно го прикрива.

Како второ, тој задолжително се смета себеси за уникатен, оригинален, единствено неповторлив. Својата амбициозност тој ја крие зад желбата да Му служи на Бога на место, каде што би можел да ги приложи своите способности. Се покажува себе како човек кој е потполно лишен од амбициозност. Тој може смирено да признава многу свои гревови, но притоа да смета, дека токму Бог го ослободил него од амбициозноста. Обично во човекот преовладува токму она, кое тој внимателно го прикрива.

Властољубивиот се стреми одеднаш да развие неколку способности, кои би можеле да му се најдат при идната должност. Тој наеднаш изучува неколку предмети, и сака да ги изучи така што да се истакнува над сите во секоја од областите. Неговите огромни очекувања, како по правило, немаат подлога за реализација, и откако ќе се сопне, тој доживува длабоко разочарување. Невротикот е прекумерно чувствителен на секоја критика, дури и на најнезначајната.

Како трето, тој има скриено непријателство кон другите. Само себеси се гледа како единствен кандидат за било која должност или искачување на хиерархиското скалило. Тој емоционално се задоволува само тогаш, кога ќе ја види својата супериорност над другите. Најмногу се фокусира не на тоа што тој е над другите, туку на тоа, што другите се полоши од него. Не пропушта случај, при првата можност да понижи друг човек, доживува постојан страв од тоа, дека некој може да успее и да го надмине. Ако некој ги насети неговите амбициозни стремежи, тогаш него го опфаќа негодување, кое понекогаш се пројавува како напад на гнев. Тогаш тој јавно ги открива своите деструктивни стремежи.

Честопати може да се види, како тој се натпреварува со неговиот пастир, на секој можен начин покажувајќи, дека неговите совети не водат кон добро, туку само ја влошуваат неговата состојба.

Ако се јави потреба некому да се даде позитивна оценка, или да се пофали некој, тогаш властољубивиот доживува чувство на пониженост. Своите деструктивни тенденции тој задолжително ги оправдува, велејќи: „секој нормален човек“ така би постапил кога би бил на негово место, дека тоа е нормална реакција на клеветите, кои тој мора да ги трпи. Тој секогаш бара грешки од страна на оние кои го опкружуваат и преувеличувајќи ги во својата фантазија, се стреми да го оцрни секој човек. Понекогаш за попродуктивна борба со „конкурентите“ тој им става етикети на „безвредни луѓе“. Истовремено во него се развиваат способности за да ги мами и експлоатира другите за свои цели.

По овие карактерни црти пастирот може без мака да ги препознае луѓето, кои се мотивирани од невротичен стремеж за власт.

Потешко е овој стремеж да се појави кај човек, кој избегнува соперништво. Стремежот не се појавува надворешно, но може да се открие според зголемената вознемиреност, која всушност води кон невроза. Таквиот човек може да се откаже од соперништвото, ако очекува морална казна за својот презирачки однос кон другите, и од самото тоа чувствува страв. Како бариера за надворешното појавување на неговото властољубие е неговата желба да биде сакан и почитуван меѓу луѓето. Како резултат на тоа, се создава конфликт помеѓу стремежот за доминација и желбата да се биде сакан.

„Неврозата – според Е. Фром, –  е обид за разрешување на конфликт помеѓу непремостливата внатрешна зависност и стремежот кон слобода“. Невротикот се обидува тој конфликт да го разреши на два начини – со оправдување на својот стремеж за власт и со потиснување на својата амбициозност. Тој се обидува да ги увери другите во тоа дека, тој постапува објективно. Користејќи ги другите за своите цели, изјавува дека има потреба од нивната помош, притоа чувствувајќи се како справедлив. Внатрешно чувствува прекин помеѓу потребата да се биде справедлив и своите честољубиви стремежи. Но таа очајна потреба постојано да се чувствува сопствената справедливост е заштита од растечката вознемиреност. Оттука се појавува страв од неуспех и страв од преплашеност. Властољубивиот невротик се плаши да биде повреден, така што за него неуспехот станува катастрофа. Но, поради тоа што живее со преголеми очекувања, неговата пропаст не е многу далеку. Тој се плаши дека другите ќе се ситат над неговиот неуспех. Двојно зголемувајќи ги своите напори, тој може да премине и на очајни дела.

Ако неговиот страв порасне до таа мера, што тој ќе се посомнева дека другите ќе ја препознаат неговата амбициозност, тогаш тој може да прифати еден вид на незаинтересираност и демонстративно да се откаже од напорите за достигнување на поставената амбициозна цел. Оваа инфантилност, основана на амбициозноста, надворешно може потполно да наликува на христијанското смирение. Тој ќе го избегнува секое внимание насочено кон него, ќе се придржува кон општоприфатените правила, со ништо нема да се истакнува и на секој начин ќе се откажува од било какво активно дејство. Според тоа, тој ќе игра улога соодветна на неговата претстава за тоа, што го очекуваат од него оние кои го опкружуваат, и како резултат на тоа неговата вистинска личност во целост ќе биде уништена од псевдоличноста, т.е. неговата лажна личност. И таквата „загуба на сопствената личност и нејзината замена со псевдоличноста го става поединецот во крајно нестабилна положба. Претворајќи се во одраз на туѓите очекувања, тој во значителна мера се губи самиот себеси, а истовремено, ја губи и довербата во себе“.

Ако, пак, достигне било каков успех, тогаш тој веќе не е способен да се радува на тоа, него постојано го следи депресија. Тој може да се откаже од соперништво, само ако се уништи себеси. Надворешно тоа наликува на христијанското самопрекорување. Но неговото самопонижување е само заштитна реакција од зголемената вознемиреност, поврзана со соперништвото.

Но, „не покажува смиреномудрие оној, кој се осудува самиот себеси, – вели свети Јован Лествичник – (зашто кој не може да издржи напади од самиот себе?); туку оној, кој е иако укорен од друг, не ја намалува љубовта кон него“. Токму укорувањето од страна на другите е еден од карактеристичните признаци, по кој може да се направи разлика помеѓу лажното и вистинското себепонижување. Невротикот не може да поднесе било каков укор, а за љубовта кон другиот и да не зборуваме. Понижувајќи се себеси, невротикот ги намалува тие способности, на кои најмногу се надевал. Како последица на ова, неговото надворешно однесување ќе биде остар контраст на неговите внатрешни стремежи, и тогаш вознемиреноста повторно ќе нарасне и невротикот ќе се најде во маѓичен круг, од кој не ќе може да излезе.

Само вистинското вежбање во добродетелта, враќањето кон оригиналната личност и силната вера во Бога, можат да го извлечат од погибелниот круг. „Да се стремиме, – пишува свети Јован Златоуст – не кон тоа да се користиме со почести и власт, туку кон тоа, да живееме во добродетели и љубомудрие“.

(Текстот се однесува подеднакво и на верниот народ, свештенството и монаштвото.)

 

Превод од руски јазик:

Миле Иваноски, апсолвент на Факултетот за руски јазик

Наслов на изворникот:

Игумен Евмений (Перистый), Невротическое стремление к власти

Православна светлина бр. 12