Како смирението ги победува злите луѓе?

Еден свештеник, од некој зол човек бил оклеветен пред епископот и без посебно разгледување на неговиот случај, бил ставен во притвор.

Пред Велигден, одеднаш кај свештеникот дошол убав младич, и нарекувајќи се себеси пратеник од архиерејот, му заповедал на свештеникот да излезе од ќелијата и да оди да служи. Младичот ги отворил вратите и го извел радосниот свештеник од притворот.

Следното утро, затворскиот стражар, кога го забележал отсуството на притворениот, му кажал на епископот, а тој, мислејќи дека свештеникот самоволно излегол и се сокрил, пратил еден од своите слуги во свештеничкиот дом да провери дали е таму. Слугата го нашол свештеникот како служи Божествена Литургија и му раскажал за тоа на архиерејот. Епископот многу се вознемирил, зашто свештеничката постапка ја сметал за безобразен чин на самоволност. „Ако тој се осмелил така да постапи, сега ќе го вратам во ќелија и ќе го расчинам!“ – негодувал епископот.

Во тоа време кај свештеникот повторно дошол веќе познатиот нему младич, кој му заповедал да се врати во ќелијата. Свештеникот не се спротивставувал, и младичот повторно го однел во ќелија.

Стражарот за време на својата дневна проверка повторно го видел свештеникот во ќелијата и побрзал да му го соопшти тоа на епископот. Архиерејот се изненадил и веднаш го повикал свештеникот кај себе. Епископот го прашал свештеникот: „Кажи ми, на кој начин излезе и влезе во ќелијата?“. Свештеникот му одговорил: „Синоќа, пред Велигденската служба, твој слуга дојде кај мене и ме ослободи, а после ме врати назад“.

Епископот ги повикал сите свои слуги кај него за да го најде престапникот, но меѓу нив не бил младичот. И тогаш архиерејот сфатил дека кај свештеникот дошол Божји ангел, за да биде покажана свештеничката невиност и смиреност, како и со цел, сите сведоци на тој настан да Го прослават Бога, Кој ги прославува Своите слуги. Архиерејот од овој настан добил духовна полза и поука, го ослободил свештеникот, а строго го казнил клеветникот.

Превод од руски јазик: Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 42