Разговор со отец Георгиј Калчу

…Сакам да ви кажам неколку зборови за благоговејната молитва. Не ги сакам дефинициите, бидејќи несомнено молитвата е Божјо дело, кое се враќа кај Бог. Молитвата е дар од Светиот Дух, кој го добиваме во зависност од духовниот подвиг во кој се ставаме за да ја надминеме бариерата меѓу нас и Бог.

Молитвата претставува општо дејствие на небесната и човечката волја. И без постојаност и благочестие нема молитва. Не сум приврзаник на пиетизмот, но без Божјата волја не можеме да ја кажеме ни „Отче наш“. Тоа е така затоа што кога почнуваме да се молиме илјадници демони се нафрлуваат врз нас.

Кога бев дете, мајка ми ме водеше во црква. Бевме единаесет деца и кога таа нѐ водеше во црква, се жалевме дека нозете нѐ болат од стоење исправени и сакавме да излеземе. Мајка ни ни велеше: „Деца, сѐ додека не знаете да се молите, знајте дека болката во нозете ви е молитва пред Бога“.

Таа ни ја кажуваше и следната историја: „Во едно село имало кафеана, каде мажите се собирале и пиеле (тогаш жените не оделе по кафеани како сега). Таму луѓето се напивале, пцуеле, се тепале, но таму имало еден демон многу слаб, кој спиел во барот, бидејќи немало што да прави. Но во истото село имало вдовица со седум деца и сите тие навечер се молеле и нивната куќа била заобиколена од работливи демони“.

Браќа, знајте дека нашите цркви се заобиколени со легиони демони кои силно работат за да нѐ победат.

Замислете, каде демонот сака да нѐ победи? Во дискотека, на плажа ли? Тој таму нема работа. Се разбира и таму има демони, но таму се без работа. А во црквата, каде се проповеда Вистината и ние усрдно се молиме, демоните нѐ заобиколуваат и нѐ напаѓаат каде што сме најслаби. Нѐ искушуваат дека молитвата ни е празна, дека имаме поинтересни работи за правење, или дека Бог не нѐ слуша. Но, ако сте упорни, тие сомежи ќе исчезнат.

Кога ме уапсија и ме ставија во затвор верата ми беше слаба. Кога започнав да ја изучувам медицината, веќе знаев некои работи за молитвата, и кога дојдов во Букурешт се запознав со младото движење „Горешта капина“, група верници оддадени на молитва и водени од Санду Тудор (кој после тоа е убиен како маченик од комунистите), отец Станилое, отец Гиус, отец Бабус, отец Александар „Годин“ Миронеску, и други мирјани и духовници оддадени на молитва и катихизис. Тие зборуваа за Големите старци и пустиножители и беа изненадени од прибежиштето кое го дава молитвата и како можеме да пораснеме и молитвата да ни стане вистинска.  Сите тие беа забележителни луѓе на нашата Црква. Тие заминаа кај Бог, но оставија светла трага и многумина од нас сега го следиме духот наследен од нив. Од нив научив многу и ја продлабочив молитвата, додека во 1948 не бев уапсен и испратен во затвор, каде ги разбрав вистинските придобивки од молитвата.

Бев во една ќелија со политичари, епископи, свештеници и монаси и разбрав дека молитвата е борба и голем напор. Во моментот кога седиш или коленичиш и се молиш, демоните те напаѓаат. При првите зборови од молитвата, ѓаволот ти ја полни главата со световни помисли. Секакви небитни работи. Размислуваш колку е часот и дали надвор е сончево или облачно. Тие работи изгледаат наивни, но ја загушуваат молитвата во срцето.

Старец Порфириј ги споредува тие мисли со авион. Ги слушате оддалеку како тивок шум кој не ве дразни, но тие се приближуваат, шумот се засилува и кога прелетува над вас шумот е толку силен, што ги заглушува сите други мисли.

Старец Порфириј вели, ако ги слушате тие мисли срцето ќе ви стане како аеродром.

Многу верници ме прашале како да се изборат со тие мисли за време на молитва.

Прво – не им обрнувајте внимание. Оставете ги да поминат.

Второ – помолете се за помош од Бог и вашиот ангел – чувар.

И трето – не ги слушајте. Тие доаѓаат од ѓаволот. Зашто ѓаволот е посилен од нас.

Треба да се молиме побожно и со смирение. Читајќи ги молитвите за исповед и причест од св. Јован Златоуст и св. Симеон Нов Богослов, како и молитвите на други големи светители, ние наоѓаме примери, како тие големи отци ги признаваат искушенијата и ѓаволските мисли кои ги имале и како се избориле со нив.

Еве што пишува св. Симеон Метафраст: „Какво зло не сум извршил? Кои гревовни мисли не сум ги имал, какви порочни желби не сум имал?…

Знаете, дека бев излезен во пределите на расипаноста – бев горд, арогантен, надмен, клеветев, се смеев бескрајно, пиев, бев лаком и ненаситен, злонамерен, завидлив, алчен, осудував, барав пофалба за себе, бев несправедлив, и исполнет со срамни помисли“.

Еве како св. Метафраст се молел. Читајќи ги тие молитви пред исповед, причест или други молитви, се замислувам колку многу сум грешел во животот!

Ако тие светии биле искушувани, колку повеќе сум јас искушуван? Ако тие светители празнословеле, пиеле, се прејадувале, биле завидливи и копнееле за богатство, колку понечисти се моите помисли? Но св. Симеон Нов Богослов продолжува:

„Господи, ги знаеш многуте лоши дела, ги знаеш и моите рани и воздишките ми ги слушаш. Не се сокрива од Тебе, Боже мој, Творецу мој и Избавителу мој, ниту солзна капка, ниту делче од капката“.

Тоа е голема утеха за нас! Бидејќи Господ не ја зема предвид само молитвата, туку и трудот. Сатаната ропта кога гледа некој што се моли. Тоа објаснува зошто тој напаѓа кога се молиме. Армија од демони се обидуваат да нѐ расеат со многу очајни мисли кои може да ни изгледаат многу штетни, но ни пречат и нѐ оддалечуваат од Бог. Тоа се мисли за светот, непријатни спомени и секакви други ситни нешта. Кога ви е подготвено срцето и сте ослободени од секојдневните грижи (кое, се разбира, не може да е целосно) внимавајте од која страна ќе ве нападнат демоните. Ангелот на молитвата кој бдее над вас, ќе ве чува од десно, а демоните ќе ве напаѓаат од лево. Демонот ќе се обидува да ве расее и да ја прекине врската со Бог, но ангелот на молитвата ќе ја врати ревноста во срцето и ќе го насочи умот за да се спротивстави на злото и да имате чиста молитва.

Отец Роман Брага вели дека: „Кога почнувате да се молите треба да се ослободите од секави слики и за време на молитвата да немате никави туѓи мисли, за да може Бог да ве исполни со Светиот Дух“.

Признавам, сум се обидувал да ги следам овие инструкции за да се ослободам од сите земни работи, но не секогаш успевам. Има моменти кога успевам и се издигнувам над земните работи, но поради мојата слабост тоа не трае долго. Така што земните луѓе од плот и крв имаме повеќе потреба од практика. Треба да го поврземе рационалниот или творечкиот дел на умот со нешто што можеме да го видиме, на пример – икона. Иконата е нешто специјално што ќе ни помогне да ни се издигне духот. Убаво е ако имате икона пред себе и можете да се сосредоточите на неа. Со нејзина помош и посредство со изобразениот лик на светителот да создадете врска меѓу Бог и вас. Можете да си мислите на житието на светителот, на чудата кои ги направил, при какви околности ви помогнал. Од иконата или моштите да почувствувате негово присуство во душата. Така стасуваме до втората етапа. Третата етапа е кога веќе немате потреба од тие земни изобразувања и сѐ доаѓа од Бога Кој ја исполнува душата со Неговото Божествено присуство. Ако се молите на глас, за подобро да се сосредоточите, како што често се случува, не се оставајте да бидете занесени од резонанцата на убави фрази, бидејќи некои молитви навистина многу се убави. Не се искушувајте од „естетиката“.

Се сеќавам кога прв пат го прочитав акатистот на Горештата капина, не разбрав многу. Толку многу звучеше убаво, богословски, што ми остана само една пријатна идеја… Но, сепак тоа ми помогна, затоа што со мистичната убавина, Господ дејствува во нас. Кога се молиме, дури и напамет, има мало разминување меѓу мислите и зборовите. Докторите велат, кога рецитираме нешто, на пример „Отче наш“, го правиме во еден здив, но нашиот звуков орган – ларингисот (грлото) е побавен, така што има одредено разминување меѓу мислата и самата молитва. Така што, кога се молиме напамет и испуштаме неразбирливи звуци, подобро е да направиме резонанца меѓу зборовите и мислите, за да не се повторува. Повторувањето еднаш е од мислите а вториот пат од бавниот ларингитис и заради него губите врска меѓу мислата и зборовите на молитвата. Ако се расеете за време на молитвата, обидете се да се вратите кон молитвата. Трудете се да сте сосредоточени и ангелот на молитвата не само што ќе ви покаже дека сте ја загубиле, туку и ќе ви помогне да се вратите. Но, ако ви стане навика да ја губите молитвата, ангелот ќе престане да ви помага. Така што постојано губејќи и враќајќи се на молитвата, ќе напредувате бавно. Но, ако се сосредоточите и ги следите мислите и срцето, тогаш ангелот навистина ќе ви напомене каде сте ја загубиле молитвата. Овие мали вежби ќе ви помогнат да го вратите умот кон молитвата.

На пример, кога коленичите целото тело е на молитва. Едноставното собирање на дланките ќе ве врати кон молитвата. Прекрстувањето или друг благочестив знак исто ве враќа кон молитвата. Така со мали и незабележливи гестови можеме да ги привлечеме ангелите да ни помогнат да напредуваме.

Некои луѓе сите молитви ги заменуваат со Исусовата молитва. Мислам дека тоа е за понапреднатите. Еднаш во Есекс, Англија, видов како сите по ред во црквата ја кажуваат Исусовата молитва и често ја заменуваат вечерната со неа. Група монаси и монахињи ја кажуваат Исусовата моитва по стотици пати. Изгледаше како формално кажување на молитвата пред Бог. Браќа, би сакал да ви го кажам следното: Сите молитви треба да започнуваат со почетните молитви, тропарите: „Цару Небесен; Свети Боже; молитва кон Света Троица; Отче наш; Символот на верата; 50–ти псалм; молитва кон Пресвета Богородица“. Тоа се основни молитви. Без нив, колку и да мислиме дека напредуваме, не можеме да продолжиме. Без тоа не можеме да го достигнеме нивото на Отците од Света Гора. Треба да го подготвиме срцето пред да напреднеме во молитвата. Започнете со молитва кон Светиот Дух, потоа кон Света Троица, потоа кон Бог Отецот итн. Секоја од нив си има значење. Често пати ги прашувам студентите кон кого е молитвата „Цару Небсен“ и тие не знаат. Тие се молат без да знаат. Затоа е добро да се започнува со воведните молитви и после да се продолжува. Дури и да ги кажувате десетици или стотици пати овие молитви, со текот на времето тие ќе го обноват срцето и ќе го подготват за подлабоки молитви. Потоа можете да кажувате и други молитви и Исусовата молитва. Јас верувам дека Исусовата молитва е дар од Светиот Дух, особено ако се кажува навечер. Таа работи во срцето и ние треба да ја кажуваме со побожност и смирение.

Пред да ме испратат во затвор, го примив свештеничкиот чин и служев од 1972 до 1978 година. Во 1978 година ми забранија да служам и да предавам во Семинаријата и ме предадоа на Секуритате, без никаква духовна заштита. Не можев да проповедам, никој владика не ме заштитуваше и се почувствував изгубен. Повторно ме уапсија и ме испратија во затвор. Во Семинаријата многу пати се молев со студентите. Се среќававме навечер. Ја читавме Библијата и кажувавме некои молитви. Ако Бог вдахновеше некого за толкување на Библијата, ние слушавме, ако не – едноставно си заминувавме и размислувавме што ќе читаме наредниот пат. И јас си мислев дека добро ја познавам молитвата. Но, кога ме ставија во затвор, сфатив дека не знам како да се молам. Живеев во постојан страв, дека нешто ме расејува. Кога започнав да се молам, стражарите ме прекинуваа, дури ме тепаа за да сопрам. Не можев да одолеам на внатрешната борба и да се сосредоточам на молитвата. Не можев да кажам „Господи, Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот“. Дури ни тоа не можев да го кажам… Внатре во мене имаше вистинска борба… Тогаш си спомнав за св. Максим Исповедник кој зборува за молитвата и навистина започнав полека да добивам длабока молитва. Се борев да се ослободам од секое зло, кое ме заобиколуваше и стасав до местото каде пред мене имаше бездна од страв… И, не знаев што да правам. Дали да се фрлам во бездната, како што ѓаволот го искушувал Христос? Бев исплашен и затоа се вратив назад. Но Бог ги испрати Своите ангели, кои ме спасија и каменот не им наштети на моите нозе.

ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ

– Денес се обидуваат да го вратат споменот на тие кои ја заштитуваа верата или се спротивставуваа на комунистичкиот режим и за тоа пострадаа. Има иницијатива за отворање на досиејата на соработниците на режимот. Што мислите за таква иницијатива во која се разбира има политички интереси, дали може да ги компензира постраданите во комунистичките затвори?

– Ќе ви одговорам со прашање: „Гледате ли сега некој мачител?“

– Не, едноставно само читам за тоа…

– Имајте предвид кога ме тепаа и ме заплашуваа или едноставно ме принудуваа… Кога ме испитуваа, заслепувајќи ме со силна светлина или држејќи ме на темно, секогаш меѓу мене и распрашувачот имаше растојание. Во тој момент тие си играа богови, а јас бев беден и скромен затвореник. Всушност, тоа беше психолошки експеримент, воден од ѓаволот. Сакате јавно да покажеме што правеше еден несреќен човек, воден од ѓаволот? Еден човек кој можеби уште е жив? Можеби, откако тој човек ме измачувал се покајал пред духовникот? Што тогаш ќе постигнеме во духовен аспект? Што добро ќе донесе објавувањето на тој случај? Браќа, да ги погледнеме намерите на тие кои сакаат да ги расветлат тие злодела. Бог ги има предвид не само нашите молитви, туку и нашиот труд.

Да ја видиме играта на ѓаволот, сокриена зад политичките игри на Православието. Да видиме дека нема да постигнеме многу, бидејќи тие луѓе уште се заштитени, уште се силни и можат да играат со нас како што сакаат.

– Додека бевте во затвор сретнавте ли духовни луѓе?

– Имаше многу – политичари, научни работници, духовници, монаси… и многу други, кои светоста ја беа достигнале. Можеби треба да направам список со сите кои ги стретнав и ми го сменија животот.

– Го сретнавте ли Валери Гафенку (светител од затворот)?

– Лично не, но сакам да ве запознаам со книгата на Јанолид  „Враќање кон Христос“.

Таа книга е нешто најдобро напишано досега за мрачноста во затворите, без да навлегува во детали за насилствата, за кои други се обидуваат да напишат книга. Во неа ќе прочитате за „мистиката на затворот“, 14-годишни деца затворани за време на владеењето на Антонеску, оставени во затвор и по доаѓањето на Болшевиците и на крал Михаил. Тие биле затворени на 14 години и ослободени на 39 години. Некои од тие од Чишинау (Молдавија) учествувале во „Братството на Крстот“, религиозна група основана врз верата, честа и борбата против комунизмот. В. Гафенку учествувал во таа група, така што болшевиците кога доаѓаат во Чишинау, началникот на затворот во Ајуд му го кажал следното: „Имаш избор – или одиш право во затвор во Ајуд без да запреш и да го видиш семејството, или остануваш тука во Чишинау и умираш. Тие избрале да одат право во Ајуд!“ Било време на голем страв – нацисти од една страна и болшевици од друга. Но сите отишле право во Ајуд, освен едно 15-годишно моче кое прво отишло да ги види родителите, но останатите му испратиле писмо и му рекле да не лаже, да се држи до честа, и доблесно да се држи до зборот! Момчето се вратило, но било убиено по патот. Ете така живееле тие луѓе!

Се чудам колку од нас денес можат да го следат тој пример?

Таа книга е напишана од Јанолид, најдобриот пријател на Валериј и основно се занимавал со младите мистици, кои живееле над омразата или политичкото гледиште во она време. Тие го достигнале вистинското познание на Бог кое треба ние да го достигнеме.

– Можете ли да ни кажете, додека бевте во затвор, кога ја почуствувавте вистинската Божја помош?

– Во затворот Бог нѐ испитува, но никогаш не нѐ остава. Кога сѐ изгледа загубено, Бог прави нешто за да нѐ спаси. Се сеќавам дека Џорџ Буш (постариот) ја посети Романија, додека бев во затвор. Секогаш тој носеше список со нарушување на човековите права од комунистите. Моето име секогаш беше на правата страница по останатите обвинети. Тогаш живеев седум месеци во ќелија во која имаше еден дрвен кревет, на кој спиев и кого го креваа преку ден, така што можев само да стојам. Од страната на креветот видов смола, најдов парче јаглен, и првин се чудев што да правам со него, но потоа се сетив како Паскал на 12 години ја нацртал кружницата, се сетив на Евклидовата геометрија и така натаму. Решив да направам нешто подобро – нацртав точка и видов бескрајни можности. Нацртав и втора точка, ги поврзав со линија, потоа нацртав тријаголник. Не стасав до тродимензионалните фигури, затоа што ми изгледаа телесни. Изгледаше мистично доживување, затоа што живеев во дводимензионален свет. Потоа се вежбав со споредни линии, тријаголници, хипотенуза итн. Така го поминував времето во ќелијата, кога не се молев. Во тие 6 месеци Корнел П. доаѓаше кај мене со секакви лаги:

– Дека попадијата се развела од мене;

– Дека синот ме обвинува, бидејќи не можел да оди на екскурзии со другите деца;

– Дека студентите од Семинаријата ме отфрлиле…

Тие негативни мисли кои ми ги повторуваа по цел ден, ми влијаеја и не можев повеќе да расудувам трезвено. Тогаш се сетив на мајка ми и плачев, мислејќи си: „Мамо, сите ме мразат, сите ме презираат и ти ли ме остави?“ Наредната вечер мајка ми ми се јави во сон. Како секогаш, мајка ми беше насмеана, но на сонот ми се јави тажна и ми рече: „Како можеш да помислиш дека и јас сум те оставила?“ Наредниот ден жена ми и син ми дојдоа на посета. Заради посетата на Буш, комунистите го смениле режимот. Тоа ми покажа дека Бог не нѐ остава да се оддадеме на болка и тага и секогаш ни помага.

– Според Вас, како треба да се однесуваме кон ЕС (Европската унија)?

– Според мене тоа е дело на ѓаволот и не треба да се вклучуваме во такви групи… Можеби ќе се распадне.

– Скоро го прочитав житието на свети Нектариј Егински. Пред тоа верував дека сите епископи се живи светители, но откако прочитав колку страдал св. Нектариј од епископите во Александрија и Грција, почнав да се чудам… Ако тоа се случувало пред 100 години, како е сега? Како да реагираме кога ќе слушнеме таква историја за епископот?

– Браќа, не се впуштајте во тоа, епископите се луѓе како нас и под притисок на одговорноста, која ја носат може да прават поголеми грешки од нас. Господ нѐ чува од лоши мисли и грешки. Да живееме како браќа, бидејќи надвор има доволно зло, кое сака да нѐ растргне. На злото да не враќаме со зло, особено помеѓу нас.

– Свети Пајсиј Светогорец вели да не се сомневаме, но исто така и да не мислиме дека сме ништожни и не заслужуваме ништо. Зошто да не прифатиме дека сме најголеми грешници? Нели тоа е добро?

– Треба реално да гледаме на себеси. Треба да знаеме колку далеку можеме да стасаме. Да не паднеме во очајание, но и да не бидеме горделиви. Треба да ја прифатиме суровата вистина, дека сме грешни. Но христијанството е религија на надежта. Ако Бог не веруваше, дека можеме да пораснеме духовно и да му преодолееме на гревот, немаше да го испрати Исуса. Знам дека нашата сила е од Бог и ако го следиме неговото учење, тогаш сме на патот кон спасението.

Превод: Свештеник Игор Пармачки

Изворник: http://pravoslaven-sviat.org/2017/04/10/geori-kalchu/

Православна светлина бр. 42