Кое е главното дело на свештениците во Црквата

Старец Нектариј Мулациотис,

протосингел на митрополијата во Фокида

Црквата е место за преобразување на човекот. Од гавран во бел гулаб, од волк во овца, од грешник, злочестив и еретик, во светител, од темнина го преобразува во светлина. Тоа е мисијата и нејзината цел. Црквата е во суштина еден простор и место на преобразување на животот, на карактерот и душата на човекот.

Токму оваа цел на Црквата сака и Православието да ни ја покаже силно (да го „рекламира“ би рекле на современ јазик), на 19 август секоја година, со празнувањето на „Преображението Христово“. Го изложувам овој настан во воведот, како што гледате, бидејќи во стварноста Христос никогаш не се преобрази!

Нашата Света Црква ова го проповеда, браќа мои, дека Господ не се преобразил, туку оние кои почнаа да се преобразуваат, да се менуваат и ја видоа Неговата слава „колку што можеа“, значи, како и колку што можеа да видат, беа Неговите ученици.

Нашиот Господ Исус Христос, насекаде и секогаш е истиот Бог, Создател на светот, секаде присутен и Кој сѐ исполнува, Творец на видливото и невидливото. Токму тоа го мислиме, кога велиме или пишуваме дека Христос е Самиот Вистински Бог. Можно е, Вистинскиот Бог, Кој е Светлина, да не блеска дури и за мал временски период?

Христос и како бебе во пештерата, и како младо дете во Назарет, и како маж во Капернаум и Ерусалим, блескаше и продолжува да блеска целиот во светлина. Ние, од наша страна, сме оние кои не си ги имаме исчистено очите на нашите души и не Го гледаме. Како што слепиот нема никогаш да го види сонцето и светлината која ја испраќа, така и ние, како слепи, ако не се исцелиме во „лечилиштето на душите“, како што карактеристично ја нарековме во претходните статии Црквата, нема никогаш да ја видиме светлината која е Христос. Во тоа лечилиште, т.е. болница, Христос како лекар имајќи Свои соработници кои служат во тоа лечилиште, „ги очистува“ очите на нашата душа, така што да излеземе од темнина во светлина. Овие соработници Божји се свештениците, коишто имаат преземено очистително дело, да нѐ пренесат од степенот на очистување, и да нѐ одведат во степенот на просветлување на нашата душа.

Свештениците Христови за главно дело го имаат исцелувањето на нашата душа. Да ни ги отворат очите за да ја видиме славата, блесокот и светлината, кои излегуваат од Исуса. Свештеникот не е само за да извршува погреби и спомени, како што сакаат некои денес да го видат. Мисијата и делото на клирикот е очистително и раководително. Свештеникот е пастир на нашите души, патоказ кој ќе нѐ одведе од темнина во светлина, т.е. во Богопознание, кој ќе ни помогне во продолжение да ја видиме јасно и целта на нашиот живот и да стекнеме правилен суд и јаснотија за сите нешта. Ова е патот од очистување кон просветление на душата и потоа кон обожение и светост. Затоа многу точно нагласува светиот Григориј Богослов дека дело на свештеникот е „да ја воздигне душата, да го протера светот и да Го види Бога“.

Затоа, брате мој, ти и јас сме слепи, како што навистина „слепи“ беа и учениците на Господ, чии што души ги очисти Самиот Господ и така пробија нивните очи и ја видоа Вистината. Видоа и го сфатија она што Исус го проповедаше: „Јас сум светлината на светот“. Затоа, точно нѐ поучува Црквата дека Христос никогаш не се преобрази, туку учениците Исусови беа оние кои се преобразија, се очистија, како што се вели на црковен јазик, и Го видоа Христа, постојаниот и вечен Оган.

Ете зошто Црквата е простор на преобразување и лечилиште на нашата душа. Кога не Го гледаме Исуса облиен во светлина, тоа сведочи за болеста на очите на нашата душа и дека уште не сме го вкусиле „Првото Воскресение“ и живееме, за жал, уште како мртви среде мрак.

Но, ова сведочи за уште една вистина. Дека не чекориме кон Светлината. Покажува дека сѐ уште го немаме исполнето степенот на очистување. И смирено прашувам: Кога, браќа мои, ќе го оствариме ова? Кога ќе стигнеме до обожение? Ако не стасаме сѐ уште, кога нашата коса ќе обели и ќе се приближиме до крајот од животот, кога ќе го доживееме просветлението и обожението? Времето е кратко… Веќе требаше нашата душа да биде бела како косата на нашата глава. Но и вие младите, кога очекувате да стигнете до степенот на просветление и обожение? Сигурни ли сте дека пред себе имате уште време? Таму, помлади мои браќа, каде што сте вие денес, бев и јас некогаш, но овде каде што сум, не знаете дали некогаш ќе стигнете…

Сега е часот да излеземе од темнината, да се очистиме и да влеземе во степенот на просветление. Сега е часот да ја исцелиме нашата душа, да се преобразиме, така што нашите очи да Го видат Исуса да блеска, како што блеска сонцето, како што Го видоа Неговите ученици, и како што Го видоа и други наши браќа во Христа, кои стигнаа до просветление и обожение. Последни примери се старец Порфириј и старец Пајсиј, кои се очистија, просветлија и се обожија, значи стигнаа до светост.

Зошто тие, а не и ние? Среќен сум и Го славам Бога, бидејќи ги запознав и зборував често пати со овие старци и современи светители на нашата Црква, но би бил пресреќен да бев веќе како нив. Би бил пресреќен, ако и ти и јас бидеме очистени, просветлени и осветени од нашиот Господ, како што се просветлија и осветија сите кои стапија во просторот на Црквата, со цел да одат по патот кон Светлината, патот кон обожение и светост.

Но самиот сето ова не можам да го постигнам. Исцелител, преобразител и мој лекар е Христос. Лечилиште и простор на преобразување е Неговата Црква, во којашто луѓето кои служат, т.е. свештениците, би требало да ги имаат доживеано и самите степените на очистување и просветление, така што да ги раководат верниците кон обожение. Ако не се случува ова, тогаш ќе се потврди она што го рече Исус: „Слепец ако води слепец, обајцата ќе паднат во јама“.

Можеби треба да размислиме, поради која причина денес општеството од луѓе не чекори правилно и оди како изгубено, во погрешни патишта и сокачиња? Можеби посебно важат денес погорните зборови на нашиот Господ?

Верувам дека станува јасно колку е големо, сериозно и тешко делото на пастирите на нашата Црква. Ако јас како клирик не сум се очистил, ако јас не сум го нашол патот кој води кон Светлината, како се осмелувам и водам други души? Кон која цел ги водам?

Браќа мои, на една толку сериозна тема би требало да се вратиме, бидејќи се работи за нашето преображение, за промената на нашиот живот, за нашиот пат кон светлината, патот кон самото спасение.

Можеби конечно бидејќи не сум се преобразил, затоа и сум духовно заостанат? Можеби затоа уште не сум ја видел вистинската Светлина? Можеби затоа не си го променив животот? Можеби затоа пријателите и соседите ме осудуваат велејќи: „Штета, уште се кажуваш дека си црковен. Само се фалиш со крстењето…“ Можеби сите тие очекуваа да го видат моето лично „преображение“ кое сѐ уште не се извршило?

Чувствувам болка и жалам, бидејќи иако на 19 август секогаш одам и учествувам во празникот Преображение кој ни го истакнува нашата Црква, јас никогаш не сфатив дека јас сум тој кој треба да бидам преобразен додека сум жив и да ја видам славата на Светлината. Јас сум тој кој треба прв да се променам и да станам она што рече Исус кон сите оние кои го следеа: „Вие сте светлината на светот…“ И јас конечно не станав светлина, не се преобразив, не се очистив, не се просветлив. Сѐ уште од мене излегува темнина, живеам во мрак. Затоа имаат право моите познаници кога ме осудуваат велејќи: „Штета, уште и се кажуваш дека си црковен…“

Викам и барам, помош! Испрати ми, Господи, духовни отци, свештеници и пастири, кои ќе ме одведат и мене, слепиот, кон Светлината и обожението.

Молете се за мене, браќа мои. Амин.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 42