Лекција за борба со осудувањето

Протоереј Андреј Лоргус

Протоерејот Андреј Лоргус ни објаснува како ние се здобиваме со навика за осудување. Тој како психолог ја проследува еволуцијата на детското споредување на себеси со соучениците кое потоа прераснува во потполно отуѓување од луѓето, кои се наоѓаат околу нас.

Господ ни говори: „Не судете за да не бидете судени!“. Се разбира дека ние сите добро помниме дека Евангелието нè повикува никого да не осудуваме, но за жал, тоа е еден од најчестите гревови – осудување на другиот човек.

Овој грев често го правиме и несвесно, т.е. тоа е како некоја навика, тоа е таква навика постојано некого да се осудува, постојано да се суди, и затоа и на исповед, и на психолошка консултација многу често се разговара за оваа проблематика.

Дури и во секојдневниот обичен живот на христијанинот многу често се прашуваме себеси: „Како да се научиме да не осудуваме?“

Проблемот е во тоа што ни изгледа дека осудувањето има привидни „позитивни“ страни. Кога осудувам, јас се чувствувам подобар од оној кого го осудувам. Осудувајќи, јас го понижувам другиот човек и со тоа го правам помалку опасен за мене. Осудувајќи, јас се здобивам со можноста да не го исполнам она што тој човек од мене го очекува или бара.

На пример, ако јас го осудувам сиромавиот, тогаш јас можам да не му дадам пари, ако видам дека тој е алкохоличар, бездомник, и сосема спокојно да го одминам. Односно, ние откриваме такви добивки, неспознаени добивки, кои прават осудувањето да ни изгледа привлечно. И сите тие „добивки“ се гревовни. Затоа што тие ни „помагаат“ да не го љубиме и да го презираме човекот. А Господ рекол конкретно: „Не судете, за да не бидете судени“.

Но, што е тоа суд? Што е тоа расудување за другиот? Тоа е споредба. Тоа е секогаш некаква оценка по некоја скала. Човекот е доволно или недоволно добар, доволно или недоволно лош, доволно или недоволно образован итн.

Ние со вас имаме десетици разни социјални, карактерни и морални правила, и по секое од правилата можеме да го оцениме човекот: „Еве, тој е таков“. И ако некои величини на овие параметри нам ни изгледаат лоши, грешни, недостојни, презирливи, тогаш тоа веќе ќе биде осудување во буквална смисла на зборот, како што вообичаено и го разбираме.

Но како да се одучиме да го судиме човекот, ако тие правила и норми ни се претставуваат нам како обврзувачки и неопходни, и без нив е невозможно да се даде оценка. Се разбира дека е невозможно! Нам тие ни се неопходни за нашиот живот со другите луѓе од нашето семејство, од работа, од нашето општество, така што нам ни се неопходни правила.

Но, правилата си се правила, туку што да правиме со функцијата оценување? Ние цело време ги оценуваме другите, ние се оценуваме и себеси и се разбира, оваа функција ни го изменува нашиот однос кон човекот, ни ја заменува љубовта, ни го заменува сочувството, ни го заменува вниманието кон човекот.

Ние мислиме дека пројавувањето на внимание кон човекот е исто како да се оцени истиот. Да се покаже грижа за човекот е, на пример, да му се искаже нему определена забелешка, да му се искаже определено незадоволство, да се каже дека „ти знаеш, а ти постапуваш лошо“.

Ние мислиме дека тоа е грижа за човекот. Ние уште од детството сме навикнати да се оценуваме еден со друг и ние самите сме навикнале дека ќе бидеме оценувани. И тоа е лоша навика. Тоа е лоша педагогика, на која нè учеле и родителите, а посебно нè научиле во градинка или во школо, каде што сето време децата се споредуваат еден со друг.

На пример, Марија добро ги прави домашните задачи, а Светлана невнимателно ја прави домашната задача. Или, на пример, на Оља добро ѝ оди пишувањето, а Галина не е добра во тоа. А еве го Михаил, кој многу добро си го наместил креветот, а еве ти Оља, не умееш убаво да си го наместиш креветот. Димитриј, погледни како си се облекол, ништо не ти е усогласено! Погледни како се облекува Наташа, кај неa сè е внимателно одбрано!

На овој начин од најрана возраст нè учеле, и ние продолжуваме така да ги учиме нашите деца – со споредување, и тоа го правиме речиси свесно. Затоа почнуваме да разбираме дека споредувањето го принудува детето да биде повеќе внимателно кон себеси, повеќе да посвети внимание на тоа што прави и како се однесува, т.е. на таков начин, со помош на оценувањето и споредувањето со друг, ние воспитуваме.

Всушност, ние манипулираме со детето. На детето му го наметнуваме начинот на однесување меѓу луѓето во вид на споредба, во вид на оценка. И многу рано, тоа е веќе многу воочливо во претшколската возраст, и во црквата, и во училиштето, и дома, како децата со голема желба се користат со таа оценка. „Ве молам, прашајте ме мене, јас прва направив!“. Или: „Кај мене најдобро излезе!“. Или: „Погледнете како јас направив!“.

Децата ги искористуваат споредбата, оценката и самооценката не како личносен инструмент, а како начин на однесување во група, за да добијат поголемо внимание од возрасниот, да го добијат првото место, да добијат пофалба, да добијат најдобра оценка во школо. И токму во раната школска возраст финално се втемелува тој вид на однесување во кој има постојано споредување и оценка: „Јас сум подобар од другиот. Јас подобро направив. Јас имам 5, а тој има 3. Јас имам чист дневник, а тој има нечист дневник“ итн.

Што се случува понатаму? Понатаму тие оценки и сите тие споредби преминуваат пред сè, во областа на моралот, а потоа и во општествениот статус: „Јас имам подобро образование. Јас сум завршил на Ломоносов, а тој виша педагошка школа. Јас возам ,Lexus‘, а тој никако не може да си купи ништо друго, освен ,Лада‘“.

Превод од руски јазик: М-р Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 42