Во длабоките води

Недела IX по Педесетница

(Матеј 14,22-34)

Сме виделе како изгледа море, езеро, река. На површината, на брегот, секогаш водата ги исфрла нечистите работи, а ако сакаме чиста вода, тогаш треба да одиме подлабоко и подалеку од брегот. Ако судиме според брегот и површината, тогаш ниту една вода нема да ни биде чиста. И во Црквата важи истото правило, ако сакаме да видиме што е тоа чисто Православие, тогаш мораме да нурнеме подлабоко во црковните води. На почеток, кога ќе ја запознаеме Православната црква ќе видиме многу ѓубре, нечистотии, лош народ, лоши свештеници – но тоа е само „на брегот“. Ако сакаме да видиме светители, да дознаеме и спознаеме што е тоа светост, што е тоа благодат, мораме да направиме нешто повеќе од вообичаеното „палење свеќи за здравје“. Со храброст и ревност да зачекориме во длабоките води на верата. Се разбира, многумина се плашат, мислат дека ако прочитаат неколку црковни книги, или почнат да се молат, да постат, да се исповедаат, да одат редовно на Литургија, дека од тоа ќе забегаат. Најчесто такви напади доживуваат од ѓаволот преку своите роднини и пријатели. Оние кои ќе се исплашат и ќе се откажат, остануваат „на брегот“, затрупани од „црковната нечистотија“. Нивното искуство е слабо и затоа таквите површни верници зборуваат само за површни и валкани работи, за скандалите во Црквата, за лошите моменти – бидејќи ништо друго не ни можеле да видат на почетокот, „на брегот“ од црковното море.

Слава на Бога, има и многумина кои ќе соберат храброст и ќе зачекорат во длабоките води на верата, ќе почнат и да тонат, и во нивниот страв Господ ќе им подаде рака и ќе ги извлече. Тие ќе ја доживеат благодатта и грижата Господова и за неа секојдневно ќе славословат.

За една и иста Црква, две искуства, две доживувања. Од нас зависи што ќе видиме. Оние кои останале на брегот и се соочиле со „ѓубрето“, тоа ќе им биде нивната единствена претстава за Црквата, но не затоа што Црквата е валкана, туку затоа што тие не се потрудиле да отидат чекор подлабоко. Оние кои зачекориле во длабоките води, ќе ги видат скриените духовни богатства на животот во Црквата, ќе видат што е тоа чиста вода, ќе видат благодат, ќе видат и светители во Црквата. Колку повеќе се отвораме, толку повеќе и примаме. Колку повеќе се штедиме себеси, толку помалку и примаме. Штом не сакаме да одиме до крај, штом не сакаме да вложиме труд ќе си останеме во калта, во тињата.

Бог не нѐ создал за да се валкаме во тињата, туку да одиме исправени, со челото кон вечноста (чело-вјек), со очите кон небесата. Овој призив должни сме да го исполниме во животот, па затоа да не се плашиме од верата, туку да зачекориме храбро, цврсто, со вера и доверба во Христос, да се задлабочиме во вистините на верата, и раководени од благодатта, преку нашиот духовник, да одиме по патот на спасението. Амин!

06.08.2017

Свештеник Јани Мулев

Види: Недела деветта по Педесетница – митр. Антониј Сурошки