Евангелие за лошите лозари

Во евангелското четиво за лошите лозари слушнавме за односот на Бог кон од него создадениот свет, но и за односот на разумните созданија кон нивниот Создател. Слушнавме како домаќинот (Бог) насадил лозје (овој свет), и им го предал на лозарите. Кога испратил слуги за да ги приберат плодовите, лошите лозари ги претепаа слугите, а некои дури и ги убија, исто како што направија најпосле и со неговиот син (Господ Исус Христос).

Овде гледаме многу познати работи од евангелските настани и од историјата на Црквата. Како беа прогонувани и убивани пророците, апостолите и проповедниците на Евангелието и како со својата крв ја запечатиле вистинитоста на верата. Никако не се откажале од името и животот христијански.

Денес сѐ уште има гонење низ светот, секојдневно слушаме што се случува на пример во Сирија, колку маченици се родија во оваа осветена земја. Таму луѓето живеат многу ревносен црковен живот, редовно одат на Литургија, редовно се причестуваат, и буквално живеат како да им е последен ден, што навистина за многумина така и бива.

Иако нема насекаде такви брутални прогони и убиства, бидејќи самиот ѓавол знае дека насила не се искоренува христијанската вера, па затоа денес живееме со поинакви прогони. Стравот и срамот јавно да кажеме дека сме христијани – дека постиме, дека се молиме, се исповедаме кај духовник, дека одиме редовно на Литургија – буквално нѐ парализираат во секој поглед. Нѐ тераат да водиме двоен живот. Со колегите на работа, со пријателите да бидеме незнабошци,  а во црква пред другите верници да бидеме христијани.

Целата црква, особено епископите, клирот и монаштвото постојано се на удар од медиумите, обвинувани и оцрнувани за многу нешта, од кои дел се навистина лични гревови и грешки на одредени свештенослужители, но често пати се работи за протежирање на невистини, за да биде Црквата секогаш на ниско ниво, за да биде на колена пред секоја власт. Во таков амбиент на многумина им е тешко да кажат дека се навистина верници, бидејќи се свесни дека со тоа на некој начин влегуваат во групата на дискредитирани и „заостанати“ (иако македонската просвета и писменост е црковно дело, токму на владиците Методиј и Климент, и свештеномонасите Кирил и Наум, како и многу други свештеници и монаси). Кога луѓето ќе дознаат за некого дека почнал да оди во црква, или дека чита Свето Писмо и други црковни книги, веднаш го етикетираат како „забеган“, „секташ“, иако самите тие осудувачи дома живеат во секојдневни кавги, неверства, разводи, абортуси, но, ете, полесно им е друг да осудат, отколку да се погледнат себеси во огледало и да се поправат.

Современиот прогон ги прави луѓето слепи: му веруваат на телевизорот без никаков сомнеж и испитување, а не Му веруваат на Бога Кој ни зборува преку Светото Писмо, не им веруваат на светителите, не ѝ веруваат на Црквата, која во својата двеилјадигодишна историја преживеала секакви мачители и прогонители и сите ги надживеала.

Најпрво да се преиспитаме себеси, дали нашата вера има добри темели и дали е добро изградена. Да не даваме никаков повод за да бидеме исмеани ниту ние, ниту Црквата. Потоа, потребна ни е храброст и ревност. Сѐ додека се срамиме и се плашиме од тоа, „што ќе речат луѓето за нас“, сѐ дотогаш ќе бидеме маргинално христијанство. Личното покајание е најдобриот почеток, и без него секој чекор ќе биде погрешен и промашен. Да не се срамиме да се прекрстуваме кога поминуваме пред црква, пред да јадеме, пред да почнеме некоја работа или патување. Да не се срамиме да побараме посна храна во средношколски интернат или во студентски дом, или во касарна, или на официјалните манифестации на високо ниво. И да не се срамиме од нашата вера. Да се срамиме кога грешиме, и само од Бога да се плашиме. Да го молиме Бога да нѐ преобрази, да нѐ ослободи од стравот и срамот, и да ги оддалечи млитавоста и рамнодушноста од нашиот живот, од нашиот народ, во вечни векови. Амин.

Свештеник Јани Мулев

(03.09.2017)