Распространети грешки на православните

Андреј Музолф, професор во Киевската Духовна Академија

 

– Една од грешките кои најчесто се сретнуваат во црковната средина е тоа што религиозното поклонување преминува од Бога на свештеникот, монахот, т.е. верникот потполно се потчинува на волјата на свештеникот или монахот. Зошто е опасно ова?

– Култот на личноста е изгледа, едно од најопасните и погубувачки појави, кои можеме да ги видиме во нашиот живот. Особено штетна е појавата на култот на личноста во црковната средина. Во „Настолната книга за свештенослужителот“ е напишанo следното предупредување: „Луѓе, кои сакаат да најдат духовна потпора, избираат духовно лице кое ним им е симпатично, и потполно му се предаваат. Добро е, ако духовникот биде искусен и чесен, и поради тоа тој ќе го отстрани таквото однесување кон него. Во спротивен случај, се појавува зависност, која во себе крие закана за непоправлива штета за душата на духовното чедо“.

Главниот принцип, кој високо се цени во Православието, е пред сè слободата. Според познатиот религиозен философ А. С. Хомјаков, слободата е онаа состојба, кога човекот е потполно свој и го претставува тоа што вистински е. Мисијата на секој свештенослужител е да го приведе човекот кон Христа, да му даде возможност да Го спознае Бога. Но, при тоа неретко се забележува дека кај некои свештеници со тек на време се појавува стремеж да господствуваат над душите на верниците. За жал, таквите свештеници или монаси често бараат од своите духовни чеда безусловно послушание, да се оддадат себеси во власт на „пастирот“. На крајот, во душите на некои верници произлегува пренасочување на акцентот од Основачот на нашата Црква на неговиот служител. Таквите „служители“, некој свесно, а некој можеби и несвесно, по точното определување на еден современ богослов, Го затскриваат (покриваат) Христа со себеси, стануваат проводници не на Божествената благодат, а на сопствените идеи. Затоа секој свештеник треба да помни дека тој е повикан да ги собира своите духовни чеда не околу себе, а околу Светата Причест. Согласно со ова, секој воцрковен православен христијанин треба да се стреми во храмот, не како во место каде што служи или проповеда некој свештеник кој мене ми е симпатичен, а пред сè да оди во храмот затоа што Самиот Господ нè повикува да станеме причасници и дел од Неговото Божествено Тело и Крв.

 

– Неискоренлив е магискиот однос кон правењето на религиозни обреди. Според некои, обредите автоматски се прават и исполнуваат, без разлика на тоа дали со разбирање и свесно пристапува човекот кон нив, или пак го прави тоа „технички“, т.е. затоа што едноставно тоа така треба да се направи. Ве молам, прокоментирајте кај се крие овде ризикот?

– Во Православната Црква сите Таинства и обреди се прават со единствена цел: да му даруваат на човекот Божествена благодат, која е неопходна за неговото спасение. Но не смее човекот да има било каква „автоматика“ кон свештенодејствата. Таинствата се свештенодејства кои се прават не од човек, а од Бога, и затоа нивното дејство не зависи од нашиот однос кон нив. Но проблематиката на ова прашање се крие во сосема друга работа: во нашето восприемање на овие свештенодејства. И овде сè станува многу посериозно: од нашата духовна состојба зависи тоа како ние ќе ги примиме овие Таинства, во која мера ќе бидат спасителни за нас. Ако се подготвуваме за примање на Божествената благодат, ако нашето срце, нашиот ум, нашите чувства се готови да ја примат Божјата помош, во таков случај Таинствата и обредите ќе бидат спасителни за нас, тогаш тие ќе ни бидат корисни. Во спротивен случај, ако ние недостојно пристапуваме кон овие свештенодејства, т.е. нашиот пристап е механички, тогаш ризикуваме да го навлечеме на себе гневот Божји, зашто, според зборовите на светиот апостол Павле, „кој јаде и пие недостојно (т.е учествува во Таинството Евхаристија. заб. прев.), тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово“ (1.Кор. 11,29).

– Омилена тема на православните е зголемувањето на стравот пред достигнувањата на современата наука и техника, изменувањето на средината и толкувањето на сите настани во светот како стопроцентни знаци за тоа, дека крајот на светот е многу блиску. Како да се бориме со внатрешниот паничар?

– Црквата постои две илјади години и секоја епоха барала од неа определени реакции на сè што се случува наоколу. Но при тоа треба да разбереме дека Црквата не би можела да опстане до сега, ако таа не останела токму таква, како што ја создал Христос. Само останувајќи таква каква што е, Црквата можела да ги зачува и носи своите вечни вредности во текот на две илјадалетија. Павел Маендорф, синот на познатиот православен богослов, протопрезвитерот Јован Маендорф, еднаш рекол: „Многу ,образовани‘ луѓе гледаат на Црквата како на нешто изживеано од минатото. И неопходно е да им се покаже дека Црквата не е музеј, а дека таа има одговор на современите прашања“.

Нашиот живот е многу динамичен: светот кој нè опкружува се менува со голема брзина, и нам едноставно ни е неопходно да имаме определени животни навики во него. Како последица на тоа, секој современ човек треба да има достап кон информациите и има апсолутно право да ги користи најновите технологии, но секој треба внимателно да се однесува кон тоа што тие сакаат да му дадат. Човекот секогаш треба да ја помни основната цел на својот живот: да Го следи Христос и да живее во Него, за да се здобие со Вечното Царство, а за тоа не се потребни никакви современи технологии. Ако тие технологии или достигнувања на современата наука не ни сметаат да се приближиме до Христос – значи нема ништо лошо во нив. Но ако тие нè вовлекуваат во тињата на тоталното обземање со нив, ако ние им даваме повеќе внимание ним, отколку на сопствената душа – тогаш тоа веќе е повод за тревога.

 

– Што би им посоветувале на љубителите на прекумерното почитување на светителите „во сите случаи на животот“, кои при тоа целосно забораваат на Бога?

– Треба да помниме дека не светителите нè спасуваат нас и не тие ни помагаат да се излечиме од оваа или од онаа болест: спасението и Вечниот живот ни се даваат нам само од Бога. Светителите можат само да ни помогнат нам во достигнувањето на спасението. Во молитвите кон светителите целиме: „Моли Го Бога за мене, свети Божји угодниче“.

Светителот е човек кој веќе го достигнал вечното блаженство во единството со Господа. Светител е оној кој со својот личен подвиг го постигнал во себе она што е предназначено за секого од нас: да стане образ и подобие Божјо. Светител е оној во кого веќе живее Исус, како што за тоа говори светиот апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20).

Смислата на православното почитување на светителите најпрецизно ја претставува светиот Јован Дамаскин: „Ним им се поклонуваме не како на богови и добротвори по природа, но како на слуги и сослужители Божји, кои имаат дерзновение кон Бога поради својата љубов кон Него. Ним им се поклонуваме, затоа што Самиот Цар ја смета кон Себе таа почит, кога го почитуваат од Него возљубениот човек“.

Светителите се образец за секого од нас, за тоа колку треба да се љуби Бог и да се стреми кон Него. На овој начин, ние ги повикуваме светиите не за да нè спасат, туку да ни помогнат во нашите молитви кон Бога.

Превод од руски јазик: Александар Ѓорѓиевски

Православна светлина бр. 42