Го сакам син ми, и затоа му ѕвонам по 500 пати на ден

Архимандрит Андреј Конанос

 

Еднаш прашав едно момче:

– Кога грешиш, што мислиш, како на тебе гледа Бог?

И детето ми одговори:

– Он е вчудовиден, огорчен и лут.

А едно друго дете на кое му го поставив истото прашање ми одговори:

– Он сака мене да ме казни.

Светите отци говорат дека кога грешиме, тогаш Бог нѐ љуби уште повеќе, уште повеќе ја шири својата прегратка  – затоа што во такви моменти Он ни е потребен многу повеќе, отколку вообичаено. Бог го љуби секое свое творение, те љуби тебе, ме љуби мене и не само кога сме добри, но и кога правиме грешки, отстапуваме, паѓаме.

Бог те љуби дури и кога ти живееш во блуд. ТИ си му драг Нему, не затоа што си лош или добар, а затоа што ти си дело на Неговата љубов, ти патуваш, и на тој пат стапуваш во борба, подвиг, и Бог не ти суди тебе, бидејќи сегашниот момент во твојот живот, тоа е само одредена етапа.

Се судираш со одредени тешкотии и почнуваш борба. И ако притоа твоите грижи не се овенчаат со успех, Бог не престанува да те љуби.

Ти си како даска за икони. Господ гледа на тебе, што ти се трудиш да го изобразиш Неговото Лице, Неговиот Лик на љубовта, но при тоа правиш грешки – некаде ставаш премногу боја, некаде малку, некаде замачкуваш. И гледајќи на тоа, Господ ни вели: Јас не брзам, Јас чекам кога образот Божји ќе биде завршен. Денес не ти успеа, но јас знам дека ти се трудиш и затоа не избрзувам со заклучок. Јас те почитувам и не те споредувам со древните светии, ангелите и архангелите, со Пресвета Богородица, со било кои неверојатни и прекрасни луѓе, со чиста душа и чисто срце.  Не те прашувам, зошто си ти таков?

Бог никој со никого не споредува, Он нѐ љуби секого од нас како одделна личност. Дали си видел некогаш како се зографисува икона? Ако го видиш почетокот на создавањето на иконата нема да видиш ништо прекрасно.

Недовршена икона никој нема да купи, нема да ја однесе во црква – затоа што ликот не е готов.

Но тоа не значи што таа не е за ништо, и нема никаква вредност. Постепено, етапа по етапа, се нанесува боја, сенка… И таквата икона, иако недовршена, не смее да се фрли и уништи. Иако и недовршена, таа има своја вредност, затоа што над неа сѐ уште се работи.

И Господ нѐ љуби нас такви какви што сме, затоа што гледа дека по малку се трудиме да станеме како Него, да се уподобиме на Него и Неговата љубов, живот и светлина. Он го знае тоа и затоа не престанува да нѐ љуби. Кога ти не љубиш тоа значи дека ти едноставно не го знаеш тој човек. А ако знаеш што се случува во неговиот живот, тогаш љубовта не прекинува, и човекот не станува твој непријател. Ти одново почнуваш да ја љубиш жената која те натерала да страдаш, кога ќе разбереш дека проблемот не е во неа, а во тебе, во твоето срце, кое никако не може да се очисти од крвоточивата рана и продолжува да те боли.

Ние немаме непријатели! Нема таков човек кој заслужува омраза. Во овој свет не постои таков човек.

Ако погледнеш во минатото на тој што те навредил, како растел, какво му било детството, што чувствувал и како станал таков – тогаш ќе видиш дека не ти е противник, ниту непријател.

Ете зошто Господ вели „не плашете се“. Луѓето може да ни нанесат зло надворешно, но на душата никој ништо не може да ѝ направи. И ако тебе те навредиле и ти почнеш да го мразиш тој човек, работата не е во тоа што тој ти направил зло.

 

„Јас ја љубам и затоа ништо не ѝ велам“

 

Проблемот е на друго место. Затоа постави Му на Бога прашање:

– Господи, а Ти, исто како мене, го мразиш тој човек?

И Господ ќе ти одговори:

– Не. Јас му простив нему уште на Голгота, Јас им простувам на сите и ги љубам сите.

– Но како можеш него да го љубиш?

– Јас гледам нешто што ти не гледаш. Гледам дека тој многу страдал и дека се однесува со тебе така, не затоа што е лош, туку поради тоа што се плаши и се заштитува.

– Но како може да се плаши. Знаеш ли што ми направи? Заради него ја изгубив работата. Сѐ уште ми се одмаздува за нешто, зборува за мене разни гадотии.

А Господ одговара:

– Ако видиш, колку се плаши, колку му е растревожена душата, како го измачува совеста –  ти ќе престанеш него да го мразиш и напротив, ќе почнеш да го љубиш и жалиш. Нему му е потребна љубов, поддршка, а не одмазда.

Господ никому не се одмаздува, а секогаш одговара со љубов и тоа ги разоружува луѓето. И кога ќе дознаеш повеќе за оној кого го мразиш, ќе сфатиш дека тој човек заслужува простување и добро однесување кон него. Ние просто не ја гледаме целата слика. Да, човек може многупати да направи зли дела, но зли луѓе нема. Не постојат. Само треба да се избере вистинскиот клуч и злото се претвора во добро.

Потребно е само да го стиснеш вистинскиот клавиш во душата на човекот и ќе ја слушнеш волшебната мелодија на доброто.

Стискаш на погрешниот клавиш – и одговорот е хистерија, викотници, злобно карање, но при тоа во секоја душа постои прекрасен свет кој сѐ уште не сме научиле да го пронајдеме во себе.

Тое воопшто не е лесно, јас знам дека сѐ уште не сме се научиле на вистинска, голема љубов. Јас ти велам дека потребно е да започнеш да го љубиш тој човек, а ти ми одговараш: Како да почнам да го љубам? За мнозинството од нас љубовта е премногу тесно поврзана со нашите лични потреби.

Еден млад човек ми кажа неверојатна работа:

– Јас многу љубам една девојка. Таа ми е мене мила, ѝ се восхитувам. И многу би сакал да биде моја.

– И што планираш да направиш?

– Ништо. Таа за ова никогаш нема да дознае.

– Зошто?

– Затоа што таа љуби друг. И така јас ја љубам неа, но не сакам да зборувам со неа за моите чувства кон неа, не сакам да ѝ се мешам во животот. Кога завршив со факултет, посакав да се зближам со неа – не гревовно или аморално, напротив, мислев да создадам со неа семејство, но разбрав дека таа има други планови, и ја оставив во мир. Јас ја љубам и не сакам ништо да ѝ зборувам, стојам настрана од неа.

Да љубиш – означува да му посакуваш добро на оној кого го љубиш. И во овој случај човекот постапи така, за да не го растревожи срцето на љубената. Тоа е почит кон другиот човек. Љубовта те тера да останеш на страна, своето чувство да го претвориш во солзи, кои со времето ќе станат брилијанти, во болката од која ќе потече жива вода.

И тогаш срцето ќе се исполни со Божествената благодат. При тоа од страна изгледа дека човекот не ја покажува својата љубов. Тој навистина не ја покажува љубовта, но таа живее во неговото срце и душата ја полни со искрено и вистинско чувство. И секако тоа ќе биде наградено.

Кога ние пуштаме некој да си оди, тогаш човекот не заминува

Јас толку го сакам син ми – вели мајката и му звони по 500 пати на ден. Таа утврдила дека постапува така од љубов кон него, за да биде уверена дека е добро, сигурно, знае со кого и каде е, а всушност сѐ е поинаку.

Таа жена едноставно не е во состојба да го пушти својот син, да му дозволи да си отиде од нејзиниот живот. Каде си? Со кого си? Зошто се задржа толку? Со кого разговараш? Која е таа девојка? Овој сомнеж покажува еден нездрав однос кон своето дете.

И тоа не е никаква љубов. Да љубиш значи да дадеш, да посакуваш добро и да даваш слобода. Тој треба да расте, а јас да се смалувам – вели свети Јован Претеча за Господ Исус Христос. Јас Те љубам Тебе, Господи, и поради тоа мене ми е тешко да заминам од Тебе, затоа што каде и да си Ти, мене ќе ме опкружува Божествената светлина, и љубејќи Те Тебе јас ќе пребивам во Твојата светлина.

Па затоа, какво и да е растојанието помеѓу мене и љубениот, јас ќе го љубам и ќе се радувам за него, иако од страна можеби ќе изгледа дека веќе нема љубов и дека едноставно сум исчезнал.

Не, јас ќе продолжам да љубам и на оддалеченост – тој е во моето срце, но при тоа му давам можност да дише, да се движи, да биде слободен и мене ми е сеедно со кого е тој сега. Јас нема да љубоморам, страдам и да се грижам за тоа.

И знаеш што се случува во тој случај?

Човекот почнува да љуби уште повеќе и не те напушта. Зошто? Затоа што ти самиот му даваш можност да те напушти. Кога ние отпуштаме некого, човекот не заминува. А ако насилно ги држиш луѓето околу себе, тоа, напротив, ги одбива од тебе. Така често се случува во меѓусебните односи.

На пример, жената се жали: Јас сум многу љубоморна на својот маж. Ако ти вистински го сакаш својот маж, погледни во себе, види ја својата убавина, и тогаш ќе се научиш да љубиш правилно и вистински. Почни да се молиш за него – во таков случај ти можеш да почувствуваш што чувствува тој. И ќе се запрашаш: му се допаѓа ли како се однесувам со него? Го притискам ли, го бркам ли од себе, му здосадувам… Му се допаѓа ли нему тоа? Такви прашања може да си постави и мажот.

Превод од руски јазик: М-р Момчило Куфојанакис

Православна светлина бр. 42