Јеромонах Арсениј Бока – светител од Трансилванија

Монах Филарет

Јеромонах Арсениј (Бока) е роден на 29 септември 1910г. во селото Ваца де Сус, округ Хунедуара во централниот дел на Романија – Трансилванските планини, во семејство на обични селани, Јосиф и Кристина. На крштевањето го добива името Зиан. Во 1929 г. завршува како првенец на гимназијата „Аврам Јанку“ во градот Брад. Уште оттогаш другарите го нарекуваат „светител“. Од 1929 до 1933 учи и завршува во Богословскиот институт во Сибиу каде професорите го опишуваат како елитен студент. Во тоа време ги открива и другите таленти – иконописот и свирењето на флејта. Во 1933 е испратен од Трансилванскиот митрополит Николај Балан во Букурешт да се изучува други уметности. Му помага на отец Димитриу Станилое при преводот на Добротољубие и ги прави графиките на првите четири тома.

Во септември 1936 г. е пострижен за чтец и ипоѓакон и ракоположен за безбрачен ѓакон. Во 1939 г. оди на Света Гора, каде останува 3 месеци за да ја научи монашката традиција и живот. Кога се враќа се приклучува кон братството на манастирот Смбата де сус. На 3 мај 1940 г. го прима монашки потстриг и името Арсениј. На 10 април 1942 г. е ракоположен за јеромонах и е назначен за игумен на манастирот. Во 1944 заминува за Кишинев (во тоа време Молдавската република е окупирана од Романија) да учи иконопис и позлатување на икони, а се враќа во 1945 г. На 14 мај 1948 г. е уапсен и измачуван од Секуритате поради обвинение, дека е легионер и ги поттикнува луѓето на бунт против комунистите.

На 25 ноември 1948 г. е назначен за игумен во манастирот Прислоп од митрополитот Николај (Балан). Светата обител била во очајна состојба, откако последните тројца жители ја напуштаат. Во 1950 г. манастирот е сменет во женски. Отец Арсениј повеќе не е игумен, но останува духовник на монахињите. Во 1951 г. тој повторно е уапсен во траење од 9 месеци. Целиот живот бил под строг надзор на Секуритате, кои му забрануваат да се среќава со луѓе. Во 1952 г. се враќа во манастирот, но 1959 г. монахињите се избркани, а манастирот престанува да постои, и на отецот му е забрането да богослужи. До 1967 г. манастирските згради се пренаменети во старечки дом, кога статусот на света обител е возобновен. Во 1961 г. о. Арсениј е назначен за работник – иконограф во патријаршиската работилница, во која можел да учествува на богослужбите само како псалт. Во 1968 г. е пензиониран со минимална пензија и започнува иконопис на храмот во букурешкиот кварт Драганеску, кое ќе го прави 15 години. Од 1969 до 1989 г. го основа  и поддржува иконописното ателје и ќелија во новооснованиот манастирски комплекс во Синаја. На 28 ноември 1989 г. згаснува неговиот живот и е погребан на 4 декември 1989 г. во Прислоп. Оттогаш досега привлекува многу луѓе на неговиот гроб за молитви и благодарења.

Каде и да се наоѓал отецот уште додека бил жив, верниците го барале за да им открие излез од тешките состојби, да ги благослови нивните почетоци. Тие барале помош во тешките животни ситуации, изложувајќи си го животот во опасност иако знаеле дека Секуритате му забранува на о. Арсениј да разговара и да собира луѓе околу себе. Многу чуда се случуваат по неговите молитви и по неговата смрт.

Расказ на о. Пантелејмон од манастирот Гигиу, ученик на о. Арсениј: има многу истории, не можам сите да ги раскажам: една ќе ви раскажам: „Доаѓате кај мене за совет, но вие очекувате чуда. Да знаете дека повеќе ќе ви помагам откако ќе заминам кај Господ“. И имаше право. Поголема помош имам од него сега, откако се упокои. Доживеав едно чудо пред околу три години. Бев на панихида на гробот на о. Арсениј. Скоро не бев отиден, па си реков: да отидам да отслужам, додека сум уште жив. Беше убаво. Околу 4 часот поручек се враќавме назад за Букурешт со една кола, бевме јас и шоферот. Но, цело време чувствував дека има уште некој на задното седиште. Да ви кажам, колата не ја допираше земјата. Како? Како да пловеше… стасавме за три часа, а на одење ни беа потребни осум часа. Видовме „стоп“ – инцидент, но поминавме покрај нив низ воздухот. Кога наближивме до манастирот, со шоферот почувствуваме како колата се движи по земјата. Го прашав како се чувствува.

– Некој има на задното седиште, – ми рече шоферот.

И тогаш го слушнавме гласот: „До тука дојдов со вас“.

Се свртивме, немаше никој.

Монахиња Марина, игуманија на манастирот Бик, од округ Салаж ни раскажува: „Здравјето ми е такво како што ми е сега, благодарение на Бог, света Богородица и на отец Арсениј. Јас бев излекувана од рак на еден чудесен начин. Кога влегов во манастирот Говор, како искушеничка во 1974 г., игуманија беше мајка Емануела, исто така ученичка на о. Арсениј. И таа беше излекувана од рак. Јас и другите искушенички често пати од игуманијата слушавме раскази за отецот, така што и ние веќе го познававме. Јас бев болна и ме примија, за да ме погребаат таму. И покрај болеста работев заедно со другите. Летото 1975 г. добив пневмонија со многу компликации, крварења итн. Ме однесоа во една болница, после во друга, трета… На крај лекарите порачаа да ме однесат бидејќи не ми прогнозираа уште многу денови живот – да не умрам во болницата, туку во манастирот. Игуманијата направи сѐ што можеше за мене. Таа ме испрати во Букурешт, во црквата Драганеску, каде што беше о. Арсениј заедно со една искушеничка. Отец Арсениј беше следен од Секуритате и не беше пријатно да се појавуваме во монашка облека. Кога пристигнавме во Букурешт, отецот беше пред храмот. Ме пресретна со зборовите и ми рече дека не зборува ништо од себе, туку го кажува она што му е откриено да го каже. Се сврте кон мене и ми рече, „на крај дојде“, како да ме чекал долго време. Отецот почна да раскажува случки од животот како да ме познаваше од раѓање. Зборуваше, и ми ги читаше мислите. Имав слушнато дека е прозорлив, но сега бев поразена. „Слава на Бога, што си во манастир, ако треба умирај од глад, ама од таму не заминувај. Ќе ти кажам една случка. Имаше еден човек, болен од рак. Лекарите го пратија дома. Тебе ти зборувам. Му кажале да се подготвува за смрт. Тебе ти зборувам. По една година оди на преглед и лекарите гледаат дека нема ништо. Тебе ти зборувам“. Јас бев скршена: од устата на отецот го слушнав зборот „рак“, ја согледав мојата вистинска здравствена состојба. Толку силно се стресов, што половина од зборовите воопшто не ги разбрав. Јас сум болна од рак и ќе умрам. Тргнавме од храмот, се поздравуваме со отецот, никакво прашање не ми доаѓа на ум да го прашам. Стасав на средината од улицата и решив да се вратам, но како да го прашам пак о. Арсениј? Со краткиот ум решив да му бакнам рака и да се преправам дека ништо не сум разбрала, небаре тој немаше да разбере што мислам. Отидов јас, му бакнав рака и го прашав: „Отче, јас ќе живеам или не?“ Тој силно ме фати за раката и ме растресе: „Додека има потреба од тебе ќе живееш!“ И навистина, тој одговор го очекував! Какви неволји и да имаш во животот, да не се тревожиш премногу, какви и да имаш радости, да не се радувеш премногу!“

И многу други случки за исцеленија и чуда има да се кажат за слава Божја! Прекрасен е Бог во Своите светии!

Превод: Свештеник Игор Пармачки

Изворник: https://dveri.bg/9qpkp

Православна светлина бр. 42